Најпродаваната играчка на светот

Е-пошта Печати PDF

rubik-original„Чудно нешто е да гледаш како една обична коцка може да сруши цела влада.“

Ерно Рубик,
пронаоѓач на Рукиковата коцка 

  Со околу 300 милиони продадени примероци, ’Рубиковата коцка’ се смета за најпродавана играчка на светот. Иако идејата е родена порано, првите примероци во продажба се пуштени пред триесеттина години во Будимпешта, Унгарија.

  Најпопуларната коцка на светот се состои од девет мали еднобојни коцки на секоја страна, а вкупно ги има 54. Кога боите на тродимензионалната коцка ќе се измешаат, пред вас се наоѓа тешка задача. Според некои пресметки, ’Рубиковата коцка’ има неверојатни 43,252,003,274,489,856,000 различни комбинации.

  Математичарот Морвен Б. Тистлетвеит смислил комплициран алгоритам, според кој оваа ’Рубикова коцка’ може да се „реши“ со само 52 потези. Во август годинава, научниците од универзитетот во Бостон, со помош на компјутери дошле до бројката 26. Засега тоа е најблиску до т.н. ’Божја бројка’, како што се нарекува минималниот број на потези за решавање на ’Рубиковата коцка’.

  Инаку, историјата на ’Рубиковата коцка’ започнува во 1974 година, кога идејата за тродимензионалната играчка ја добил кипарот и професор по архитектура, унгарецот Ерно Рубик.

  Новиот изум, првично наречен ’Магична коцка’,  Рубик го пријавил како патент во 1975 година во Будимпешта, а првиот примерок е произведен и пуштен во продажба дури во 1977 година. Во овој подвиг се впуштила унгарската фабрика за играчки „Политехника“ и првите коцки набрзо се нашле во продавниците.

  Иако немало никаква реклама ниту промоција, ’Магичната коцка’ за една-две години станала една од најпопуларните играчки во Унгарија. Набргу, интерес покажала и њујоршката фабрика за играчки „Ideal Toys“, а потоа и извесен Тибор Лаци, унгарец вработен во германска компјутерска компанија, како и Том Кремер, исто така, успешен иноватор.

  Импресионирани од коцката, двајцата одлучиле да пронајдат добар промотер за пласирање на играчката на странскиот пазар. Меѓутоа, големите компании на оваа играчка и наоѓале бројни маани: претешка и прескапа за производство, тешка за демонстрација на телевизија, ментално прекомпликувана, предизвик за интелектуалците, а не за младите и просечни купувачи и сл.

  Лаци и Кремер сепак, успеале да го наговорат претседателот на „Ideal Toys“ да дојде во Будимпешта и да ја види играчката. Веднаш е потпишана нарачка од еден милион примероци.

  Следната 1980 година, самиот Рубик го претставил својот изум на неколку саеми за играчки во Лондон, Њујорк и Нирнберг. Играчката го добива името ’Рубикова коцка’, а воедно добива и се повеќе обожаватели ширум светот.

  Во рок од две години продадени се околу 100 милиони примероци, а неодамнешното истражување на пазарот во САД покажало дека преку 85% од потрошувачите знаат што означува поимот ’Рубикова коцка’.

  Меѓународни натпревари во склопување на ’Рубиковата коцка’ се одржуваат секоја година во разни категории. Така, постои категорија на најбрзо склопување на коцката, склопување со превез преку очите, со една рака, со нозе... Светскиот рекорд во брзо склопување на коцката од 9,86 секунди е поставен во Шпанија од страна на французинот Тибаут Жакино.

  Паралелно со популарната коцка се прошири и зависноста од неа. Волонтерската организација „Анонимни зависници од Рубиковата коцка“, што им помага на зависниците од оваа играчка, е основана во 1980 година. Една германка од Дизелдорф пак, во 1981 година започнала бракоразводна постапка, наведувајќи ја ’Рубиковата коцка’ како главен виновник за распаѓањето на  нејзиниот брак.

Joomla Templates and Joomla Extensions by ZooTemplate.Com
 

НБРМ

Прод.
Куп.
EUR
61.7949
61.1801
USD
52.3908
51.8695
GBP
69.1296
68.4417
CHF
52.8342
52.3085
SEK
6.2141
6.1523
NOK
6.3599
6.2966
JPY
0.4653
0.4606
DKK
8.3047
8.222
CAD
41.0516
40.6431
AUD
39.5311
39.1377
Превземено на 18.11.2017

You are here: Почетна Основај Бизнис Почетно финасирање Најпродаваната играчка на светот