biznis101-org2.png

Верувате ли во ангели?

Печати
business_angel_lg2„Многупати, кога се започнува со бизнис, се започнува со мала заштеда, малку пари од банка, но најчесто тоа не е доволно. Сеуште постои 'финансиска дупка'. Таа 'дупка' ја пополнуваме ние – бизнис- ангелите."
Џеф Ландин, бизнис- ангел

  Неодамна во Македонија почна наголемо да се зборува за конечно основање на мрежа на т.н. „бизнис- ангели". Но, што всушност се бизнис- ангелите?

  Бизнис-ангели се група на луѓе (иневеститори) кои својот капитал го вложуваат во надежни почетни бизниси или проекти, а за возврат добиваат дел од заработката или удел во компанијата.
   
  Тоа што започна како најава уште во 2007 година во Македонија, денес е на добар пат да биде реално остварување. Најголем проблем околу досегашното основање на ваква мрежа кај нас, беше неубеденоста на претприемачите и бизнисмените во еден ваков потфат. Најчесто, „транзициските" бизнисмени не сакаа да ги покажуваат своите пари на отворен начин или пак искрено не веруваа во системот на инвестирање во добри проекти и визии, од проста и едноставна причина што: тие и немале такви проблеми! За среќа, новата генерација на претприемачи во Македонија и тоа како добро знае дека тука, кај нас има многу добри идеи и иновативни луѓе кои умеат да ги реализираат таквите идеи, па затоа се поотворени кон предизвиците на основањето на мрежата.

  Досега, од соседството ваквите мрежи успешно се воспоставени и функционираат во Хрватска, Србија и Бугарија.

  Што има тука за претприемачите, а што за бизнисмените?

  Ефектот на мрежа на бизнис ангели функционира така што, од една страна се собираат луѓе, односно потенцијални инвеститори, кои и самите најчесто се успешни претприемачи и менаџери, со желба да инвестираат во одредени бизниси или идеи за кои истите мислат дека можат да успеат. Најчесто, бизнис- ангелите покрај почетните финансии ви обезбедуваат и кратки совети или „трикови" кои реално на почетниците во бизнисот можат да им помогнат многу. За возврат, „ангелите" добиваат дел од колачот на Вашиот бизнис, или дел од заработката во некој договорен следен период.

  Од друга страна, претприемачите добиваат алтернативен извор на финасирање под поповолни услови од банките. Во Македонија, бидејќи досега немаше алтернатива на кредитите, претприемачите беа принудиени средствата да ги бараат од банките под понекогаш и крајно неповолни услови или пак де се осврнат на сопствените средства или поддршка од пријатели или роднини. Дополнително, претприемачите имаат можност да се здобијат и со „вештини на продавање" на идејата сама по себе, па така ако успеат да ги убедат „ангелите" во успешноста на нивната замисла, тогаш може да бидат сигурни и во успешноста на проектот. Секако, додаден мотив може да биде и искуството во одреден сектор кој го имааат бизнис- ангелите, а кој можат да го пресликаат на новите идеи и да им дадат дополнително „гориво" за идните зделки.

  Во поразвиените економии бизнис- ангелите се реална и одлична можност за почетно инвестирање во бизниси. Се проценува дека во САД годишно се инвестираат и до 20 милијарди долари од страна на различни „бизнис ангели", а во Европа таа бројка достигнува до околу 4 милијарди на годишно ниво. Многу од сега веќе успешните идеи своевремено имаат добиено „ангелска помош", како на пр: Google, Amazon.com, Apple, Ford Motors и многу други.

  Сега, останува само со нетрпение да ги чекаме нашите „ангели" кои ќе имаат шанса драстично да ги подобрат условите за водење бизнис во Македонија... па, бизнисмени - спремете ги своите планови!

Joomla Templates and Joomla Extensions by ZooTemplate.Com
Последно освежено ( Среда, 06 Април 2011 13:37 )